Во моментов не се користи специјална телефонска линија за ублажување на кризите меѓу Кремљ и Белата куќа, соопшти Кремљ во средата, по зголемувањето на ризикот од нуклеарен конфликт, во услови на највисоки тензии меѓу Русија и Западот во последните децении.
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го намали прагот за нуклеарен напад како одговор на поширок опсег на конвенционални напади, неколку дена по извештаите дека Вашингтон ѝ дозволил на Украина да користи оружје произведено од САД за да напаѓа длабоко во Русија.
Украина ги искористи американските ракети ATACMS за да ја нападне руската територија во вторникот, искористувајќи ја новододелената дозвола од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.
Таканаречениот „хотлајн“ помеѓу Москва и Вашингтон беше воспоставен во 1963 година за да се намалат погрешните перцепции што ја поттикнаа кубанската ракетна криза од 1962 година, овозможувајќи директна комуникација меѓу американските и руските лидери.
„Имаме специјална безбедна линија за комуникација меѓу двајцата претседатели, на Русија и на Соединетите Американски Држави. Имаме можност и за видео комуникација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за државната новинска агенција ТАСС. Но, на прашањето дали овој канал моментално се користи, тој рече: „Не“.
Москва рече дека употребата на ATACMS, ракетите со најдолг дострел што Вашингтон и ги доставил на Украина досега, е јасен сигнал дека Западот сака да го ескалира конфликтот.
Војната, која Русија ја започна со целосна инвазија во февруари 2022 година, претвори стотици украински градови и села во прашина, расели милиони луѓе и уби илјадници цивили, огромното мнозинство од нив Украинци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски долго време бараше од Вашингтон и неговите сојузници во НАТО да дозволат употреба на оружјето со долг дострел, велејќи дека тие се потребни за уништување на воената и транспортната инфраструктура клучна за воените напори на Русија.
Москва рече дека таквото оружје не може да се лансира без директна оперативна поддршка на САД и нивната употреба ќе го направи Вашингтон директен учесник во војната, што ќе предизвика руска одмазда.
Руските дипломати велат дека кризата меѓу Москва и Вашингтон сега е споредлива со кубанската ракетна криза во 1962 година, кога двете суперсили од Студената војна се најдоа најблиску до намерна нуклеарна војна и дека Западот прави грешка ако мисли дека Русија ќе отстапи поради Украина.
Кремљ рече дека Русија го смета нуклеарното оружје за средство за одвраќање и нејзината ажурирана нуклеарна доктрина има цел да им стави до знаење на потенцијалните непријатели неизбежноста од одмазда доколку ја нападнат Русија.
Во средата, Песков изјави за новинската агенција РИА дека Западот се обидува да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија дозволувајќи му на Киев да удри длабоко во Русија со оружјето произведено од САД.
„И, се разбира, тие ја користат Украина како алатка во свои раце за да ги постигнат овие цели“, рече Песков.