Претседателот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, денеска го покани претседателот на Демократската лига на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, на разговор за постизборната коалиција.
Курти во писмо до Абдиџику наведува дека како вршител на должноста премиер на Косово и претседател на Самоопределување, е „заинтересиран и подготвен“ за политички договор со ЛДК.
-Секако дека имаме разлики во политичките убедувања, но коалициите се градат токму меѓу оние кои се разликуваат, ставајќи ги правата и потребите на државата и граѓаните како приоритет, рече Курти.
Тој оцени дека ЛДК „е позната како партија која не се двоумела да влезе во владејачки коалиции“.
-Несогласувањата и разликите што ЛДК може да ги има со Самоопределување денес не се поголеми од оние што постоеја пред претходните коалиции формирани од таа партија. Покрај тоа, во 2020 година бевме партнери заедно во Владата, кога немав проблеми со вас, туку со некои други кои веќе немаат високи позиции или големо влијание во ЛДК како што имаа тогаш, напиша Курти.
Тој додаде дека е убеден оти гласачите на двете партии претпочитаат таква коалиција.
-Тогаш зошто да не ја формираме? Ве поканувам, како зрели политичари кои ја имаат иднината на земјата и општествениот напредок како приоритети, да се сретнете и да разговарате за коалицијата“, рече Курти.
Тој додаде дека Самоопределување не е заинтересирана за коалиција со Демократската партија на Косово (ПДК).