За да се обезбеди поевтина цена за граѓаните во делот на енергетиката, владите на Македонија и Косово, на денешната заедничка седница, во Пришитина, се обврзале да соработуваат во неколку области, меѓу кои на одржлив енергетски систем, и поактивна соработка меѓу енергетските компании на двете земји. За таа цел биле потпишани меморандуми за соработка во делот на енергетиката, но и во делот на образованието и трговската размена.
Според косовскиот премиер, Албин Курти се очекува олеснување и во делот на трговската размена, но и размена на граѓани, бидејќи двете држави ќе имаат заеднични гранични премини на „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“.
„Има се повеќе успех со извоз на Косово во делот на лесната индустрија, пијалоците, храната, кожата, текстилните обработки, посебно обработката на дрво и метали, како и технолошката и информатичката сфера. Увезуваме различна стока од Северна Македонија “, рече Курти.
Во делот на образованието, Курти посочи дека Косово има одличен пример на дуалното образование во средните училишта, со што им се овозможува директна врска на работодавците и учениците.
„Потпишаниот меморандум за соработка во делот на образованието е фокусиран на стручното оспособување на образованието. Стручното оспособување е идентификувано како клучен аспект во Европската зона за образование за периодот 2023-2030 година. Косово и Македонија учествуваат во многу иницијативи во овој сектор, бидејќи е поврзан со потребите на пазарот на трудот“, рече Курти.