Премиерот на Косово Албин Курти, по денешната меѓувладина седница меѓу Скопје и Приштина, на новинарско прашање, до каде е постапката за екстрадирањето на обвинетите во случајот Монструм, Алил Демири и Африм Исмаили, рече дека двајцата министри за правда работеле ‘што поскоро да го решат прашањето за нивна екстрадиција од Косово во Македонија’.
„На состанокот, од македонска страна беше присутен министерот за правда Игор Филков, а од косовската, Албулена Хаџиу. Тие, директно комуницираа меѓу себе и се залагаа, ова прашање да го решат што поскоро, бидејќи станува збор за судови, за јавни обвинителства. Ние, имаме наследено старо прашање кое налага законски и судски третман. Министрите за правда го даваат максимумот за што поскоро даго решат прашањето. Да им дадеме уште малку време на двајцата и да го решат овој проблем“, рече косовскиот премиер.
Мицкоски, рече дека го поддржува она што го кажал косовскиот премиер, Курти.
Македонија повеќе од десеттина години ја чека екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ, осудени за убиството на четири млади момчиња и едно повозрасно лице. Масакрот се случи на Смилковското езеро, во 2012 година на големиот верски христијански празник Велики Петок.