Непотизам царува во Владата на Мицкоски. Безочно и бес осет, континуирано се назначуваат роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, се вработуваат под државна капа, на грбот на граѓаните. Последен е скандалозниот случај со Љупчо Андоновски, татко на министерот за дигитална трансформација во Владата – Стефан Андоновски. Таткото на министерот Стефан, Мицкоски си го назначил за негов советник во Владата. Братот пак на министерот Стефан, Игор Андоновски, е назначен за началник на одделот на АНБ за град Скопје пред неколку месеци, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
– Значи едниот син министер во Владата на Мицкоски, другиот началник во АНБ а таткото Советник во Влада. Ова е класичен пример на непотизам и судир на интереси. Ова е срам и навреда за граѓаните. Бараме Државната комисија за спречување на корупцијата итно да отвори предмет и да постапи.
Нели ДПМНЕ ветуваше пред граѓаните дека ќе нема непотизам, дека ќе има департизација и дека нема со врски да се вработува.
Затоа, бараме и очекуваме Антикорупциската комисија во најбрз можен рок да постапи во согласност со своите надлежности и да ја заштити државата од вакви скандалозни злоупотреби. Македонија мора да биде праведна и правна држава, а не држава на непотизам и корупција – вели Кузеска.