Членството во ЕУ е најдобрата опција, како за Северна Македонија, така и за регионот во овој момент на нов геополитички контекст, истакна Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионални прашања на Западен Балкан, на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК), што се одржува во Собранието.
-Геополитиката создаде нови можности за проширување на ЕУ, но овие прозорци не остануваат отворени засекогаш, мојот совет за вас е да не ги повторувате грешките од минатотото, мој совет е да го искористите моментот и да го ставите заедничкиот интерес пред партиските интереси, рече Лајчак.
Тој потсети на зборовите на новата еврокомесарка за проширување и добрососедство Марта Кос, која кажа дека преговорите бараат интензивни напори од целото општество тоа мора да биде национален проект во којшто треба сите да бидат носители.
Како што рече тој, ако го прашате Чет-ГПТ за ЕУ, ќе ви каже дека таа е политичка и економска Унија, но таа е најпрво Унија на луѓе обединети во нивната различност. Тие треба да бидат носители и да веруваат во неа, бидејќи има многу загрижувачки трендови што го доведуваат во опасност европскиот проект, хибридни војни, популизам, намалување на довербата.
-Не велам дека ЕУ е совршена но би сакал да кажам неколку збора за еропскиот пат на Македонија. Кога го започнавте овој процес сметав дека ќе напредувате многу, но за жал не сте ни близу и ја споделувам вашата фрустрираност. Се што беше споменато мора да се исполни. Факт е дека параметрите се поставени и нема да кажам ништо ново, да не ја испуштите оваа можност и да не ризикувате да останете запоставени. Исто така и во поглед на неодамнешните геостратешки случувања, проширувањето е навистина е приоритет и за оваа Европска комисија, и претседателот на Европскиот совет се ангажира со регионот во последните неколку денови, рече Лајчак.