Лавров се сретна со севернокорејскиот лидер

 Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на неговата посета на Северна Кореја

Тој ги предупреди САД, Јапонија и Јужна Кореја да не соработуваат во сферата на безбедноста и да не преземаат акции против Северна Кореја, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

Министерството објави фотографија на двајцата функционери заедно на средбата во пристанишниот град Вонсан.

Рускиот министер за надворешни работи, исто така, се сретна и со неговата севернокорејска колешка, Чо Сон Хуи.

Претходно денеска, Лавров изјави дека севернокорејското раководство ја потврдило „безрезервната поддршка за сите цели“ што Русија си ги поставила во конфликтот со Украина.

Русија и Северна Кореја ги продлабочија своите односи во контекст на конфликтот во Украина. За време на неговата посета, Лавров им се заблагодари на „херојските“ севернокорејски војници кои ѝ помогнале на руската армија во потиснувањето на украинските сили од руската Курска област, во која тие навлегоа во август 2024 година, соопшти руското МНР.

Руската агенција за регулација на воздушниот сообраќај „Росавиација“ ѝ дозволи на авиокомпанијата „Нордуинд Ерлајнс“ да врши до два лета неделно меѓу Москва и Пјонгјанг. Рускиот министер за надворешни работи денеска го поздрави ова обновување и изјави дека „има планови за обнова и на поморските транспортни врски“.

Зачлени се на нашиот е-билтен