ЛДП: Бараме аргументирано образложение на одлуката за разрешување на директорот на гимназијата „Орце Николов“

Либерално-демократската партија прашува кој и зашто го разрешува директорот на гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, професорот Митко Димовски, во период кога училиштето го одбележува својот значаен јубилеј – 70 години постоење.

„Оваа неочекувана и неправедна одлука, донесена во 1 час, без јасни причини и аргументи, претставува удар врз вредностите на чесното, посветено и одговорно управување во образовните институции. Професорот Димовски е признат професионалец и вистински лидер кој со својата посветеност и визија придонесе кон унапредување на образованието и создавање подобри услови за учениците. ЛДП го поддржува секој професионалец кој работи во интерес на учениците и образовниот систем, а политичките одлуки кои се носат без јасни образложенија не смеат да бидат во функција на лични, партиски или нејасни агенди“, пишува во соопштението на ЛДП.

ЛДП од надлежните институции бараат аргументирано да ја образложат оваа одлука и да овозможат континуитет во управувањето со гимназијата, во најдобар интерес на учениците, наставниот кадар и целата заедница.

„Образованието мора да биде заштитено од неосновани и политички мотивирани одлуки. ЛДП останува на страната на професионалноста, чесноста и образовниот интегритет“, пишува во партиското соопштение.

Зачлени се на нашиот е-билтен