Членовите на Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент, предводени од неговата претседателка Роберта Мецола денеска ќе престојуваат во посета на Копенхаген во рамки на подготовките за претстојното претседавање на Данска со Советот на Европската Унија во втората половина на 2025 година.
Како што соопшти Прес-службата на ЕП, предвидено е лидерите на Европарламентот да се сретнат со данската премиерка Мете Фредериксен и со претставници на Парламентот, а ќе имаат и аудиенција кај кралот Фредерик Десетти и кралицата Мери.
Данска го презема претседавањето со Советот на ЕУ на 1 јули и се очекува главните нејзини приоритети во следните шест месеци да бидат обликувани под влијание на војната во Украина, климатската криза и тензиите во глобалната трговија.
– Данска го презема кормилото на ЕУ во време на војна на нашиот континент, тензии во глобалната трговија и економски притисок. Безбедноста, одржливоста и конкурентноста се вистинскиот фокус. Од зајакнување на нашата одбрана до намалување на бирократијата за бизнисот, од енергетската безбедност до дигиталното лидерство – Европа мора да дејствува. Со нетрпение очекувам да соработувам со данското претседателство за да испорачаме резултати, изјави Мецола во пресрет посетата.
Данска ќе претседава со Советот на ЕУ до 31 декември 2025 година, по што ротирачкото претседателство ќе го преземе Кипар.
Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент ја сочинуваат претседателката Мецола, лидерите на осумте пратенички групи, како и еден претставник на европратениците кои не се членови на ниту една група, но тој нема право на глас. Конференцијата е политичко тело одговорно за организирање и координација на работата на Европарламентот.
Традиционално во пресрет на промената на претседавањето со Советот на ЕУ, членовите на Конференцијата на претседатели патуваат во земјата иден претседавач како дел од подготвителните дискусии и активности во врска со идните приоритети.