Литванија ја зајакнува границата со Русија и со Белорусија

Литванија ќе потроши 1,1 милијарда евра за зајакнување на заштитата на својата граница со Русија и со Белорусија, особено од противтенковски мини, објави денеска Министерството за одбрана.

Новиот финансиски пакет мерки ќе биде распореден во текот на 10 години и ќе ѝ овозможи на Литванија да блокира и забави дејствијата на непријателските држави, се наведува во соопштението на литванското Министерство за одбрана.

Исто така е предвидено 800 милиони евра од вкупниот буџет од 1,1 милијарда евра ќе бидат наменети за противтенковски мини.

Литванија, Летонија и Естонија, што граничат со Русија, стравуваат дека ќе станат следни цели на Русија ако победи во војната против Украина. Трите балтички држави, поранешни советски републики, ја зајакнаа својата одбрана откако руската војска ја нападна Украина. Овие земји ги засилија безбедносните мерки на своите граници по приливот на мигранти, за кои веруваат дека е одговорна Русија.

Литванија во јануари најави дека во периодот од 2026 до 2030 година годишно ќе троши пет до шест проценти од својот бруто домашен производ (БДП) за армијата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен