Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лукаревска: Без мислење на експерти, власта носи ризичен Закон за јавен долг

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница на која владејачкото мнозинство по скратена постапка ги изгласа измените на Законот за јавниот долг, рече дека, вакви важни закони, не треба да се ставаат во ‘функција и во интерес на тековни потреби на извршната власт, бидејќи ако ова се создаде како пракса, ќе постојат далекусежни последици’.

„Доаѓаме до сознание дека од буџетот ќе се задолжува Развојната Банка и станува збор за еден специфичен финансиски инструмент. Развојната Банка веќе се задолжува кај различни други меѓународни институции и овој Закон се носи по скратена постапка, само за да се стигнат роковите кои што ги предвидува унгарскиот кредит, за што имаме соодветен лош пристап, особено бидејќи се менува системски закон. Во услови на висок дефицит и јавен долг, едно вакво решение носи свои ризици за уште поголем притисок и нивно зголемување. Иако Предлог законот предвидува одлука од Владата за секое задолжување, сепак не е прецизирано кои и какви можат да бидат тие специфични услови, а нема ни предвидени подзаконски акти како тоа би се регулирало“, рече Лукаревска.

Како што појасни, како пратеничка група не се согласуваат ваквите закони да одат по скратена постапка, и потенцираше дека дебатата не е доволна, бидејќи треба да се слушне и мислењето на Развојната Банка и на други експерти.

Владејачкото мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ вечерва во рамките на 30. собраниска седница со 60 гласа „за“ и девет „против“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка.

Според пратениците од СДСМ, овој Закон се носи по скратена постапка само за да се стигнат роковите кои што ги предвидува унгарскиот кредит, и се на ставот дека за ваквите закони е потребна многу поголема дебата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека унгарскиот кредит е пример како Влада која се грижи за граѓаните, постигнува договор со некоја држава.

Зачлени се на нашиот е-билтен