Допрва ќе се одлучува и дали ќе продолжи воената помош којашто земјата и ја дава на Украина, за одбрана од руската агресија, било кажано на брифинг во МНР.
Македонија во овој момент не е подготвена да испрати војници во Украина како дел од воена мировна мисија која ќе го гарантира мирот во земјата, било кажано на денешниот брифинг во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од таму информираат дека одлуката била донесена ‘бидејќи како земја-членка на НАТО, Македонија не смее да дозволи каков било безбедносен вакуум од регионална гледна точка. Фокусот на земјата во следниот период мора да биде на регионот и на источното и јужното крило на НАТО’.
Во МНРНТ брифираат дека допрва ќе се одлучува и дали ќе продолжи воената помош којашто земјата и ја дава на Украина, за одбрана од руската агресија.
Државната позиција е дека Русија спровела воена агресија врз Украина, но истовремено во МНР сметаат дека е дојдено време за дипломатија и за мир и оти принципиелно ќе поддржуваат секоја иницијатива што е насочена кон изнаоѓање на мир.
Според извори од МНР, правецот на македонската надворешна политика е јасен – стратешко партнерство со САД, членството во НАТО и останување на патот кон неостварената стратешка цел – полноправното членство со Европската Унија.