Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија под водство на Мицкоски за прв пат по 2019 назадува во борбата со корупција

Опозициската СДСМ со остри критики кон Владата под водство на Христијан Мицкоски, во врска со годишниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ во кој Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што претставува прво назадување на нашата држава од 2019 година. Според нив, одговорноста за ваквиот неуспех е кај Владата. На Мицкоски му порачуваат ‘наместо да ја лаже јавноста со празни ветувања и пропаганда, да покаже системски мерки и реформи за борба со корупцијата’.

„Оваа Влада ветуваше „беспоштедна борба против корупцијата“, но за само осум месеци успеа да ја доведе Македонија до најслабата позиција на скалата во последните пет години. Со падот на два поени и рангирањето на 88 место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од било кога. Додека соседните земји, како Албанија и Косово, прават сериозни чекори напред – Албанија е осум места пред нас, а Косово дури петнаесет – Македонија под оваа Влада се движи наназад“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите посочуваат дека партијата за време на своето владеење ја зацврсти позицијата на Македонија во борбата против корупцијата, овозможувајќи континуирано напредување на индексот од 2019 до 2023 година. За разлика од тоа, Владата на ДПМНЕ го врати македонскиот рејтинг наназад, а земјата ја ставија во групата на најкорумпирани држави во Европа.

Од друга страна пак, зголемената корупција според Индексот за корупцијата за 2024 година, во извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата за 2024 година, за Мицкоски претставува добра основа за понатаму да се следи дали Македонија ќе напредува, ќе биде подобра или полоши во позиционирањето.

Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави и ја дели со Казахстан, Суринам и Виетнам.

Зачлени се на нашиот е-билтен