Македонските граѓани се меѓу најполитизираните и гласаат по етничка основа

Секој седми граѓанин на Македонија е член на политичка партија. Со тоа, земјата е меѓу оние со најбројни членства во политички партии во Европа. Дури третина од граѓаните на последната изборна кампања во 2024 година учествувале на некој собир, митинг или јавен настан организиран од одредена политичка партија.

Според податоците, 13,3 отсто од испитаниците се изјасниле дека се членови на партија, додека во ЕУ процентот е меѓу 3 и 5 отсто.

Основниот принцип по кој гласаат граѓаните на Македонија е етнички, а исклучоците се ретки. Ова го покажуваат резултатите од компаративната студија на изборните системи, спроведена со учество на Институтот за социолошки и политичко-правни студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Програмата за поддршка на изборите во Македонија.

„Од македонските партии само две имаат гласачи меѓу граѓаните со албанско потекло или припадниците на другите етнички заедници во земјава, а Македонците не гласаат за албанските партии“, рече доц. Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичко-правни студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ според кого во Македонија има поларизација по две линии – партиска и етничка.

„Гледаме дека незадоволството кај Македонците е значително поголемо отколку кај етничките Албанци, така што на некој начин целиот изборен резултат може да се гледа како казна за претходната власт“, ​рече Близнаковски.

Северна Македонија за прв пат е дел од оваа меѓународна студија, која се спроведува 25 години и дава преглед на изборното однесување на граѓаните. Резултатите од студијата беа презентирани денеска.

На прашањето дали гласачите гласаат за иста партија на изборите, 37,4 отсто од испитаниците одговориле потврдно, 25,3 отсто одговориле дека гласаат за друга партија, додека 1,1 отсто одговориле дека не гласаат.

Во однос на парламентарните избори, кои се одржаа заедно со вториот круг од претседателските избори, истражувањето покажа дека 34 отсто од Македонците се изјасниле дека поддржуваат одредена партија поради нејзината програма, додека за 35 отсто од Албанците поважно било раководството на партијата за која гласале.

Истражувањето е направено од 25 октомври до 4 декември 2024 година, а реализирани се вкупно 1056 анкети, на кои стапката на одговор е 56,2 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен