Емануел Макрон сака широк политички договор за да се избере нов премиер и гаранција за стабилност на земајта, соопшти француската влада.
Портпаролката на владата во заминување, Мод Брејон, рече дека на Макрон му е јасно дека во моментов не постои „поширок“ политички сојуз од актуелниот меѓу неговите центристички сојузници и конзервативците од Републиканската партија, што нема мнозинство во парламентот, пренесуваат американските медиуми.
Таа рече дека се разгледуваат две опции, од кои едната е да најде начин да го „прошири сојузот“, сугерирајќи дека некои левичари би можеле да се приклучат на владата, заедно со центристите и конзервативците.
„Втората опција би била да се направи договор со опозициските партии од левицата, така што тие ќе се обврзат да не гласаат за недоверба, иако тие нема да бидат владејачки партии“, рече Брејон.
Таа не посочи за рокови за назначување на нов премиер, иако медиумите објавија дека Макрон сака тоа да се случи што е можно поскоро.
Макрон од минатата недела имаше разговори со политичари од левицата и десницата, вклучително и социјалистичките лидери кои се појавија како клучни за напорите за формирање постабилна влада. Во дискусиите не беше вклучена екстремно десничарската партија Национален собир, предводена од Марин Ле Пен, ниту ултралевичарската партија „Франција непобедлива“ на Жан-Лук Меланшон, бидејќи Макрон сака да разговара само со поумерени политички сили.
Францускиот претседател минатата недела вети дека ќе остане на функцијата до крајот на мандатот, кој трае до 2027 година, а овој потег уследи по историското гласање за недоверба на владата, предизвикано од споровите за буџетот во Националното собрание.
Владата на Барние доби задача да се ги извршува само тековните работи до именување на нов премиер.