Макрон повика на контрамерки поради царините на САД доколку не се постигне договор

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 30 отсто на увозот од ЕУ и ја повика Европската комисија да подготви соодветни контрамерки доколку не се постигне поинаков договор.

„Со европско единство, повеќе од кога било, Комисијата треба да ја потврди решеноста на Унијата одлучно да ги брани европските интереси. Пред сè, тоа подразбира забрзување на подготовката на веродостојни контрамерки, со мобилизација на сите инструменти кои ѝ стојат на располагање, вклучувајќи ги и мерките против принуда, ако до 1 август не се постигне договор“, порача Макрон во објава на Х.

Тој истакна дека Франција ја поддржува Европската комисија во преговорите, за кои очекува да се интензивираат, со цел до 1 август да се постигне заемно прифатлив договор.

Макрон додаде дека тој потенцијален договор мора да го одразува „почитувањето што трговските партнери како Европската Унија и Соединетите Држави си го должат едни на други, со своите заеднички интереси и интегрирани вредности“.

Претходно денеска, Трамп соопшти дека од 1 август ќе стапат во сила царини во висина од 30 отсто на сета стока која се увезува од земјите на Европската Унија и Мексико. Тој на својот профил на мрежата Трут Соушл објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум. 

Зачлени се на нашиот е-билтен