Во интервју за Радио Слободна Европа, европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека Албанија ќе стане 29-та земја-членка на Европската Унија до 2029 година, по Црна Гора, пренесува РКС од Косово.
„За нас би бил неуспех ако, во рамките на сегашниот мандат на Европската комисија, не успееме да примиме ниту една нова држава во ЕУ. Уверена сум дека можеме да ја примиме Црна Гора, земја со која ги отворивме сите поглавја и почнавме да ги затвораме, процес што може да се заврши до крајот на 2026 година. Од техничка гледна точка, можеме да ги финализираме преговорите со Албанија до крајот на 2027 година. Потоа, земјите-членки ќе одлучат дали овие две земји ќе се приклучат на нашето европско семејство“, рече Марта Кос.
Кога беше прашана за Црна Гора и Албанија, таа потврди дека тие ќе бидат 28-та и 29-та земја-членка на ЕУ пред да заврши нејзиниот мандат во 2029 година.