Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меѓаши апелира институциите да преземат мерки за редовен градски превоз

Првата детска амбасада во светот Меѓаши соопшти дека изразува сериозна загриженост поради актуелниот проблем со јавниот градски превоз и ситуацијата со ЈСП Скопје. Во допис до медиумите нагласува дека обезбедувањето достапен и сигурен јавен превоз е основно право на секое дете и млад човек.

-За да ги обезбедиме тие права, мора да се обезбеди безбедност, редовност и континуитет на транспортните линии. Необезбедувањето јавен превоз, има огромно негативно влијание врз животот на граѓаните, особено на децата и младите кои зависат од јавниот превоз за да стигнат до училиштата и образовните институции, наведува Меѓаши.

 Во реакцијата Првата детска амбасада во светот пиѓува дека надлежните институции се „заглавени во политички пресметки“ и не обезбедуваат соодветна организација на јавниот превоз, што, како што наведува „директно ги загрозува основните права на децата, пред се правото на образование“.

-Без редовни автобуски линии, учениците и студентите се принудени да се соочат со големи потешкотии во секојдневниот превоз, што доведува до пропуштени часови и недостаток на образовни можности. Оваа ситуација е неприфатлива и не смее да се оправдува. Некои случувања во општеството не смеат да оправдаат и да следат политички интереси. Важно е да се нагласи дека граѓан(к)ите не треба да бидат заложници на политичките игри и да страдаат од одлуките кои ги засегаат нивните основни потреби и права, стои во реакцијата.

Меѓаши апелира до сите надлежни институции „да преземат итни мерки за воспоставување редовни и сигурни автобуски линии кои ќе овозможат нормален тек на образованието и секојдневниот живот на децата, како и граѓаните во целост, без разлика на нивната возраст или политичка припадност“.

-Првата детска амбасада во светот Меѓаши бара итно решение и обезбедување стабилни, редовни и безбедни автобуски линии, кои ќе ги задоволат потребите на учениците и студентите, како и на сите останати корисници на јавниот превоз. Како организација поддржуваме дијалог, иницирање иницијативи за решение на оваа ситуација и ги охрабруваме сите кои се одговорни за јавниот превоз да ги стават интересите на граѓаните пред политичките пресметки, за да осигурат нормален тек и праведен пристап до образование, односно основни услуги за кои децата имаат право, соопшти Меѓаши.

Зачлени се на нашиот е-билтен