Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика своите европски партнери да сторат сè што можат за да одржат добри односи со Соединетите Американски Држави.
-Мислам дека мора да вложиме максимални напори за да ги задржиме Американците на наша страна, рече денеска Мерц на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Албанија.
„Не можеме да го замениме она што Американците сè уште го прават за нас во Европа, на нашиот континент и за нашиот мир и слобода“, додаде тој, нагласувајќи дека Германија е исклучително благодарна на САД за ова.
Мерц не кажа дали мисли дека сите партнери на НАТО треба да се придржуваат кон барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од нивниот економски производ.
Наместо тоа, тој го повтори повикот „да не се фокусираме само на парите кога станува збор за одбраната“. „Мора да зборуваме за ефикасност, за бројот на системи и за економиите на обем“, рече тој.
Мерц ги забележа комплицираните процеси на набавка на одбраната и проблемот со трошењето пари на премногу различни системи. „Не добиваме доволно материјал за нашите пари“, рече тој.
На состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Турција вчера, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го поддржа барањето на Трамп за масовно зголемување на трошоците за одбрана на членките на НАТО на пет отсто од нивниот бруто домашен производ (БДП).
Сепак, Вадефул јасно стави до знаење дека традиционалните трошоци за одбрана од 3,5 посто од БДП би биле доволни, под услов дополнителни 1,5 проценти од економското производство да се потрошат на воена инфраструктура.
Во меѓувреме, политичарите од социјалдемократите – коалициските партнери на Мерц во владата – реагираа претпазливо на забелешките на Вадефул.