Мерц: Соработката со Франција за нуклеарно одвраќање е прашање за иднината

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека евентуалната соработка меѓу Франција и Германија во сферата на нуклеарното одвраќање претставува „многу долгорочна“ перспектива и дека во моментов приоритет останува продолжувањето на т.н. нуклеарно споделување со САД.

„Треба да сториме сѐ за да го одржиме нуклеарното споделување со Соединетите Американски Држави во наредните години, па дури и децении“, изјави Мерц по средбата со луксембуршкиот премиер Лик Фриден во Берлин, јави ДПА.

Мерц потврди дека прифатил француска понуда за разговори на тема нуклеарно одвраќање, но додаде дека „до денес нема понатамошни иницијативи“. Тој нагласи дека темата останува прашање за „многу, многу долгорочна иднина“ бидејќи „голем број прашања“ сѐ уште се отворени.

Изјавата уследи по интервјуто на пратеникот Јенс Шпан, лидер на пратеничката група на ЦДУ, кој во неделното издание на „Велт“ рече: „Да, треба да разговараме за независен нуклеарен чадор. И тоа ќе функционира само со германско водство.“

Германија, за разлика од Франција, Велика Британија и САД, не е нуклеарна сила, но нејзините борбени авиони се способни да носат американски нуклеарни бомби што се складирани на нејзина територија како дел од нуклеарното одвраќање на НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон уште во 2020 година понуди дијалог за европска нуклеарна соработка, но не наиде на одзив кај тогашната канцеларка Ангела Меркел ниту кај нејзиниот наследник Олаф Шолц.

За разлика од нив, Мерц во својата изборна кампања оваа година отворено го поддржа дијалогот и разговараше за темата со Макрон при својата прва посета на Париз како канцелар.

Зачлени се на нашиот е-билтен