Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија: Пристапувањето во Европската унија останува стратешка цел

Копретседавачите на Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Северна Македонија, пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер, со своите воведни излагања на првата работна сесија, го отворија 23. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, посочувајќи дека ова е прва средба во новиот мандат на Собранието на РСМ и во Европскиот парламент.

Во тој контекст, Василевска истакна дека во изминатата година, и покрај изборните процеси, нашата земја, по завршениот скрининг за шесте кластери, продолжи со реформската агенда и со спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, достигнувајќи 50 проценти хармонизација на нашето домашно законодавство со тоа на ЕУ.

Таа рече дека земјава, исто така, продолжува со усогласување на заедничката европска и надворешна политика, потврдувајќи ја амбицијата за понатамошно унапредување на евроинтегративниот пат и цврстата определба за полноправно членство во Унијата.

„Особено сме благодарни за помошта која во континуитет ни ја обезбедувате за спроведување на реформите, вклучително и преку Планот за раст, чија цел е намалување на економските диспаритети кај нас, споредени со членките на ЕУ“, рече Василевска.

Копретседавачот Реслер во своето воведно обраќање ja истакна заложбата на Европскиот парламент кон парламентарната димензија на односите меѓу нашата земја и ЕУ. По 20 години кандидатски статус и новите геополитички околности на европско ниво, проширувањето се враќа високо на агендата на ЕУ. Реслер потенцира дека дијалогот е важен на сите нивоа, во насока на заедничка европска иднина. Тие остануваат наш пријател од доверба и сојузник на европскиот пат, а ваквите состаноци само ќе придонесат кон парламентарната димензија. Исто така, беше поздравено присуството на европратеникот и известител за нашата земја, Томас Вајц.

На дневен ред на првата работна сесија се повеќе точки: Односите меѓу ЕУ и Северна Македонија; Фундаментални права и слобода на говор; Владеење на правото и борбата против корупцијата; Добрососедските односи, регионалната стабилност и регионалната соработка.

Пред почетокот на состанокот, членовите на МПК имаа средби со координаторите на шесте пратенички групи во Собранието на РСМ.

Овој 23. Состанок на МПК ќе продолжи и утре, кога ќе се одржи втората работна сесија, која треба да заврши со усвојување соодветни заклучоци во однос на темите за дискусија.

Зачлени се на нашиот е-билтен