Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Втор ден интегративците седат на плочникот пред Уставниот суд

Високи челници на ДУИ, организирани во групи наречени „Стража за јазикот“, предновогодишно кампуваат пред Уставниот суд. Ваквата одлука на партиското ракводство, интегративците ја спроведуваат, веќе втор ден. Ќе кампуваат и утре, бидејќи во среда очекуваат да ја слушнат одлуката на Уставниот суд, која треба да ја донесе на веќе закажаната седницата за одредбите од Законот за употреба на јазиците. Според ДУИ, со овој чин се поткопуваат темелите на Охридскиот договор.

На денешната седница на „Европскиот фронт“, во Мала Речица, од опозициската коалиција информираат дека, главна тема била тензичната ситуација и острите пораки на релација влада-ДУИ, како и следните чекори.

Тие преку соопштение, порачаа дека нема да дозволат антиалбански дејства.

„Опасната блискост меѓу оваа нелегитимна влада и Белград е очигледна, манифестирана преку именувањето на личност како Стоилковиќ – инструмент на Путин и Вулин – за заменик премиер за меѓуетнички односи. Дополнително, неколку дискредитирани албански политичари, кои беа отфрлени од својот народ и на претседателските и на парламентарните избори, се користат како штит за овие антиалбански дејствија и за потценување на гласот на Албанците. Јасно е дека овие обиди за задушување и потценување на легитимните грижи на Албанците не се само неправедни, туку и опасни за стабилноста и иднината на земјата“, велат од ДУИ.

Паралелно со средбата во таборот на опозициските партии на Албанците, состанок имаше и во владејчката коалиција „Вреди“.

„На средбата опширно се разговараше за последните настани и реториката на поделби од страна на опозицијата, која наводно под име на заштита на албанскиот јазик се обидува да манипулира со јавното мислење, со сценарија на Никола Груевски од пред осум години со шаторите пред ДИК. Албанците може да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен. Не поминуваат триковите на ДУИ. Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон“, рече Саранда Имери Стафаи од Коалицијата „Вреди“.

И ВМРО-ДПМНЕ, најголемата партија во владата, смета дека последните чекори на ДУИ, вклучувајќи го и кампувањето пред Уставниот суд, се политички циркус за одвлекување на вниманието на јавноста од, како што соопштуваат, крининалите што биле направени во изминатите 20 години.

„ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владата велат дека ја следат ситуацијата, за која се информирани и меѓународните партнери, и дека нема да се дозволат какви било обиди за наштетување на државата – нешто што и премиерот го кажа во вчерашниот настап уверувајќи ги граѓаните да бидат спокојни.

Зачлени се на нашиот е-билтен