Премиерот Христијан Мицкоски пред два месеца ги поддржуваше протестите на иницијативата „Кој е следен?“ по прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова, кога протестите беа фокусирани кон непостапувањето на судската власт.
„Ова е граѓански протест и оправдан протест и го поддржувам и во таа насока размислувам како премиер и како претседател на Владата“, изјави Мицкоски во јануари, давајќи поддршка за протестите.
Поддршка на гневот на граѓаните тогаш даде и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Сепак, два месеца подоцна, откако 59 млади луѓе го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и кога граѓаните од цела држава се организираат за да го изразат својот бес против корупцијата која одзема животи, Владата и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ со дезинформации, навреди и клевети се обидуваат да ги оцрнат протестите.
На социјалните мрежи, но и од одредени провладини медиуми, сведоци сме на лажни тврдења и оцрнувања на организирањето на граѓаните и пред се, студентите. Нив ги поврзуваат со странски структури, но и со опозициски партии и критичари на власта.
Откако денес беше објавено видео во кое, неосновано, се поврзуваше иницијативата „Кој е следен?“ со студентско организирање и луѓе од Србија, од иницијативата истакнаа дека овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство.
„Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови. Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја“ велат од иницијативата.