СДСМ најостро го осудува недоличното однесување на премиерот Христијан Мицкоски кон новинарката Милка Смилевска од Ал Џезира, на денешната прес-конференција во Владата. Од там посочуваат дека наместо одговорност и отчетност, Мицкоски избрал дискредитација на новинарка која постави легитимни прашања за сомнителниот тендер од 4 милиони евра за набавка на полициски униформи во МВР.
„Очигледно изнервиран од скандалот во кој е фатена неговата влада, ја обвини новинарката дека поставува „естрада“ прашања. Тоа е класичен пример за притисок врз медиумите и обид да се замолчи вистината. Скандалозниот тендер, во кој фирма со двајца вработени и друга регистрирана 20 дена пред објавата на тендерот добиваат милионски договор со МВР, е прашање кое заслужува одговор“, велат во СДСМ.
Опозициската партија посочува дека Мицкоски наместо да објасни зошто неспособни фирми се фаворизирани, Мицкоски се впушти во понижување на новинарка која само ја бараше вистината.
„Ова е вторпат за кратко време Мицкоски да нападне новинарка на јавен настан, што укажува на загрижувачки однос кон медиумите и слободата на изразување. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ очигледно не поднесува критика, па одговара со навреди, етикетирање и омаловажување. СДСМ ја повикува новинарската фела, медиумските здруженија и целата јавност да не молчат пред оваа деградација на институцијата премиер и на основните демократски вредности“, порачуваат од СДСМ.
Социјалдемократите сметаат дека новинарите не смеат да бидат мета на навреди само затоа што поставуваат непријатни прашања.
„СДСМ останува на страната на вистината, транспарентноста и слободата на медиумите. Очекуваме итно извинување од Мицкоски и темелна истрага за сомнителниот тендер кој ја загрозува довербата на граѓаните во институциите“, велат во СДСМ.