Мицкоски не избира начини и средства, по секоја цена ја сака „главата“ на државниот јавен обвинител Коцевски

Премиерот Христијан Мицкоски со месеци јавно ја бара „главата“ на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Во последните денови Мицкоски во секое свое појавување во јавноста го повикува обвинителот, да си поднесе оставка. Тој и денеска порача Коцевски доброволно да си поднесе оставка бидејќи како што додаде, „Имал доволно можност да се покаже како безкомпромисен борец за правда и против оние случаи каде има основано сомневање за сторен криминал“. Денешната изјава на Мицкоски доаѓа откако вчера, Владата која ја предводи, донесе одлика за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Мицкоски му порача на Коцевски дека ‘купува време’ и додаде дека новиот обвинител ќе бил  вистински антикорупционер.

„Очигледно дека барањето изговори и купувањето време е нечија карактерна особина. Мислам дека тој имаше доволно време да покаже, за жал таа довреба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес. Денеска бев во парламентот и тој процес е започнат. Мислам дека е чесно и доблесно тој самиот да се повлече да го скратиме овој период и да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија.“

И додека премиерот чека оставка, во Советот на јавни обвинители чекаат допис, откако ќе пристигне-Советот ќе се произнесе, водејќи се според процедурата пропишана во законот. 

Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска исто како и Коцевски ги отфрла обвинувањата од Владата дека именувањето на нов шеф на Вишото обвинителство  е незаконско. Според нив именувањето е според процедура – односно бидејќи нема заменик, мора да се определи нов. 

„На седницата на ЈО на 10.02.2025г. Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во ВЈО Скопје, во кое Обвинителство вишиот јавен обвинител е оддалечен од вршење на функцијата-советот утврди дека е потребно да во ВЈО да се назначи обвинител кој ќе раководи со работата на ВЈО за време додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител. Таа одлука е донесена едногласно од страна на сите членови на советот“, смета Димитриевска.  

Од министерството за правда потврдуваат дека дописот е во фаза на подготовка и ќе се достави до Советот најдоцна до утре. Партиите во Собранието, чии пратеници ќе го имаат последниот збор засега воздржани. Мицксоки официјално има поддршка од „Вреди“. „Знам“ најавуваат координација и ДУИ. Од најголемата опзициска партија која што го избра Коцевски денска молк. Велат ставот ќе го кажел лидерот на партијата на утрешниот брифинг со новинарите. 

Вчера, државниот јавен обвинител преку писмено соопштение реагираше дека Владата ги нема на располагање сите релевантни и точни информации. Појасни дека Распоредот за работа на скопското ВЈО, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, билосо важност до 31декември минатата година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Посочи дека неговото постапување во овој случај и во целокупното негово работење е согласно закон.

Коцевски, со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ беше избран во законодавниот дом пред една година на предлог на претходната владина коалиција СДСМ и ДУИ. Предлогот за обвинителот Љупчо Коцевски беше доставен од Владата, а тој беше единствениот кој доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, покрај обвинителките Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен