Премиерот Христијан Мицкоски во однос на најавените чекори што ќе ги преземе после празниците за разрешување на членовите на Судски совет, рече дека „овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“.
Мицкоски минатата недела изјави дека се размислува за неколку потези после празниците во однос на Судскиот совет. -Размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии.
Според професорот Денис Прешова разрешувањето на судиите е несуатавно.
„Членовите на Судскиот совет имаат гаранции за независност многу слични на оние кои ги имаат судиите, додека Судскиот совет има уставно загарантирана институционална независност. Оваа индивидуална и институционална независност не смее да биде компромитирана на ваков начин бидејќи тоа сигурно ќе предизвика сериозни последици во иднина„ смета Прешова.
Професорот е дециден дека „Ако ова разрешување на петте члена на Судскиот совет помине, тогаш ќе се постави исклучително лош преседан кој е само прашање на време кога ќе се примени и на самите уставни судии, бидејќи другите „независни“ тела веќе ќе бидат комплетно исчистени и заробувањето само ќе го промени изворот, од едно парламентарно мнозинство во друго“.
Оттаму и прашањето на кој начин власта ќе ги смени овие пет члена избрани од Собранието и кои други ќе стави на нивно место, ако веќе покажа дека смените што ги прави се исто така под патиски клуч.