Владата донесе одлука да ги ограничи маржите во трговијата на мало на 10 проценти и за исто толку проценти во трговијата на големо, и тоа на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, сега дополнета со средства за хигиена, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април. Ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна.
Од таму велат дека одлуката е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажал дека кај трговците на мало утврдено е дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибуртери утврдени се повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.
Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка има потреба да се носат и дополнителни кошници. Министерството е задолжено да одржи и итен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и за земјоделство, Комисијата за заштира од конкуренцијата со цел да се разгледаат и други мерки и предлози коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.
До петок треба да се изврши и контрола кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо и млечни производи.
Препорака на Владата е маркетите да започнат постапка за транспарентно објавување на цените на нивните производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.