Премерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ направено во Брисел, каде учествуваше на Самитот на Западен Балкан, ги демантираше тврдењата на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ го пушти Артан Груби, да побегне. Тој со помош на теориите на таткото на психоанализата Сигмунд Фројд, се обиде да го објасни тврдењето на опозициската СДСМ, дека полициската акција е „наместена“. Изјавата на Мицкоски на оваа тема ја пренесуваме во целост:
„Кај опозицијата, посебно кај СДСМ, јас гледам еден проблем кој што можеби Фројд го има најдобро дефинирано, со потсвеста. И сега нивната политика, која што во моментот на таа тема е фројдовска и има проблем со нивната лична потсвест, е збунувачка во јавноста, бидејќи ако кај нив работи потсвеста и реминисенција прават на некои минати времиња, кога со планови итн. бегалците од правдата ја напуштаат државата, па сега тоа го проектираат според нивната отприлика денес, мислам дека е погрешна порака, која што многу брзо ќе биде демантирана“, рече Мицкоски во интервјуто на МТВ.
Мицкоски додаде, „Други опозициски партии пак, велеа,’Се симнаа едните, дојдоа другите’ или, да се изразам во жаргон, ‘Се симна Мурто, дојде Курто’, отприлика таква делуваше нивната порака, ништо нема да биде, ќе видите исто ќе биде“.
„Па потоа ние молевме за трпение, и уште велиме, ‘почекајте луѓе не брзајте’, не правевме естрада од сето ова. Навистина, таму каде што постојат докази ќе треба да има и одговорност. Па потоа почнаа првите случаи, ааа ништо не се случи, мали риби, еве влегоа. Ова ништо не е. Каде е големата акција? Па потоа почнаа да се отвараат малку поголеми случаи итн. еее ќе заврши на еден, двајца, договорено е, се е завршено, сега кога имаме робусна акција веднаш велат дека намерно сме ги пуштиле“, рече премиерот Мицскоски во интервјуто од Брисел.