Мицкоски: Верувам во новата енергија на Вреди, Алиу и Хоџа во ресорите ќе внесат визија за иднината

Со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието попладнево го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство на местото на Арберн Таравари кој неодамна даде оставка од министерската функција откако излезе од владината коалиција. Додека, пак, со „65“  гласа „за“ и со 10 гласа „против“ Собранието го избра Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Премиерот Христијан Мицкоски во образложенито на предлогот за Азир Алиу, рече дека верува оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем, а за Хоџа истакна дека тој е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот. И за него верува дека ќе даде силна енергија и додаде дека ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината. 

Пратениците од опозицијата во текот на расправата истакнаа дека Алиу не е соодветен кадар кој треба да раководи со ресорот на здравството. Тие прашаа како е возможно еден специјалист по информатика кој  не донел промени во неговата област успешно ќе менаџира со еден комплексен систем како што е здравството. Додека, пак, пратениците од власта кажаа дека има шанси Алиу добро да се снајде во менаџирањето на овој ресор иако не доаѓа од овој сектор. Тие нагласија дека во минатото сме имале доста експерти од здравствената област кои што имале можност да го водат овој сектор, но секогаш не се покажало дека биле компатибилни здравственото образование или здравствената стручност со менаџирањето со ресорот здравство.

Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче истакна дека премиерот Мицкоски треба да му изрази благодарност на доскорешниот министер за здравство Арбен Таравари поради, како што рече,  доброто менаџирање со трагедијата во Кочани.

Снопче го праша премиерот дали предлогот за кандидат за министер за здравство е негов предлог или од Вреди.

„Господине премиер, новиот кандидат дали е ваш личен предлог или е предлог на Вреди? Зошто го поставувам ова прашање? Бидејќи е многу значајно јавноста да знае. Лицето го знам подобро од вие и вие што сте тука. Познавајќи го него, убеден сум дека ова лице нема да оди по паметот на Арбен Фетаи. Арбен Фетаи прави само раскол. Тоа го направил и кога бил во Ветвендосје, и кога бил во Алијансата за Албанците кога бевме заедно со Зијадин Села и тој така си работи“, рече Снопче. 

Беким Ќоку, пратеник на „Вреди“ нагласи дека Алиу е чиста политичка фигура.

„Арбен Таравари беше обврзан да даде оставка. Не даде оставка поради морални причини или нешто друго. Арбен Таравари беше избркан од Владата, бидерјќи почна да соработува со ДУИ и Али Ахмети. Таравари имаше скриени средби за соработка со ДУИ и затоа беше обврзан од Вреди да се донесе пред акт да избега од Влен и до Владата, бидејќи повеќе немаше место во таа Влада. Азир Алиу е предлог на Влен врз основа на договорот кој го имаме од почетокот на овој мандат со премиерот Мицкоски и тој денес ја претставува Влен како политички субјект. “, рече Ќоку.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека најголемиот проблем на секторот здравство е токму честото менување на министерот.

„Многу од коментарите во јавноста, кажувањата и пишувањата се дека најголемиот проблем на секторот здравство е токму промената на министрите толку често за краток временски период и претставува најголем проблем за државата и граѓаните и како систем во кој што многу малку и скоро воопшто не се поместува во изминативе 30 години. Иако некој ќе рече „да, има сигурно одреден напредок“ и е во право. Државата не е иста таа што беше во 90-та година и во 2025 година, од ден во ден и година во година се менува. Сето тоа што се бара од страна на граѓаните во однос на овие пораки на промени, тогаш за мене не може да биде констатацијата исправна дека еден министер од Владата која ја предводеше СДСМ може да биде надеж за промени и во 2025 година кога некој друг ја презема власта во свои раце. Ако сите тие негативности, констатации, за белешки, критики се упатуваат за времето на владеењето на претходната власт, тогаш не гледам како можеме да ги доведеме во корелација истите кадровски решенија кои биле тогаш а денеска ги ставаме да бидат министри за здравство. Ако зборуваме за професионалниот бекграунд на Алиу нема забелешки и не може да се оспорува неговата биографија“, рече Спасовски. 

Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, Алиу има шанси добро да се снајде во менаџирањето на Министерството за здравство.

„На Азир Алиу му ги познавам корените. Неговото семејство во Гостивар му е почитувана, авторитетно. Кога знаете некој човек од каде потекнува, секако на тој начин го стекнувате својот впечаток или ги зголемувате очекувањата од овој голем предизвик кој што стои пред Алиу. Како доктор по информатички науки, еве од денес или од утре да го преземе кормилото на едно од најдинамичните и најпроблематичните ресори во нашата Владата, а тоа е ресорот здравство. Од лично искуство, ресорот здравство од осамостојувањето на Република Македонија најмногу страда од честите промени на министрите кои го раководеле овој ресор. Некои се повторувале, некои оставиле добра трага, некои немале време доволно да се покажат и затоа вела дека огромен е предизвикот кој што го прифаќа господинот Азир Алиу. Познавајќи го како личност и неговото потекло од едно реномирано гостиварско семејство и неговото богато СиВи, сметам дека има шанси добро да се снајде во менаџирањето. Иако анализирајќи наназад имавме доста експерти од здравствената област кои што имале можност да го водат овој сектор, но секогаш не се покажало дека биле компатибилни здравственото образование или здравствената стручност со менаџирањето со ресорот здравство“, рече Стојановска.

Амар Мециновиќ, пратеник на Левица истакна дека Алиу ќе стане дел од Влада која управува како концесионер по договор, чија цел е профит а не грижа за нашите граѓани.

„Господинот ќе управува со клучен ресор, но кој е испреплетен со влијанијата на речиси сите пори на општественото управување. И бидејќи секогаш се претставуваат како менаџери, а не како идеолошки насочени шампиони на ресорите кои треба да ги управуваат, на крајот нивните министерувања завршуваат со дефинирање на нивните ингеренции и секогаш тие не се виновни на состојбата на ресорот кои требало да го управуваат. Господинот Алиу ќе го гласа мнозинство кое е без компромис се бори против синдикатите преку нивно демонизирање и намалување на нивната улога“, рече Мециновиќ. 

Дијана Тоска, пратеничка на „Европскиот фронт“ истакна дека Алиу не покажал некој конкретен резултат или некоја голема реформа додека раководел со Министерството за информатичко општество и администрација.

„Големите проекти остануваат само на хартија. Дигитализацијата беше само слоган и после сепак немавме таква работа. Прашањето е многу просто како може да претендираме како еден специјалист по информатика кој  не донел промени во неговата област ќе менаџира со успех еден комплексен систем како што е здравството. Здравството не е област за администрација. Тој е сектор кој бара големо менаџирање каде што станува збор за животот на луѓето. Некои можат да велат дали не може да се научи и да се прилагоди во секторот на здравство? Јас не велам дека ние не зборуваме за административна работа каде може да се научи брзо. Ова е една функција каде што секоја одлука има влијание во животот на луѓето. Овие работи се многу значајни за животот на луѓето и не може да имаме политички експерименти. Здравството бара повеќе од дигитализација. Бара поголема работа и работа со пациенти“, рече Тоска.

Координаторот на пратеничката група на Вреди Беким Ќоку преставувајќи го Хоџа кажа дека тој е од новата генерација политичари, дека е 37-годишен правник, кој претходно работел во локалната самоуправа во Струга, од каде бил отпуштен од градоначалникот Размиз Мерко. Ќоку кажа и дека Хоџа бил новинар, се занимавал со медиуми, со јавни политики, како и дека доаѓа од рурално населено место и оти е запознаен со потребите на земјоделието и секторот во којшто ќе биде заменик министер.

Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции. Алиу е дел од Алијансата за Албанците која остана во Вреди по оставката од 15 мај, годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.

Во биографијата на Албрим Хоџа се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

Зачлени се на нашиот е-билтен