Мицкоски забрзано ги полни амбасадите со партиски кадри

Местата на дел од отповиканите девет професионални дипломати, ќе бидат пополнети со партиски кадри. Игор Николов кој е еден од 17. советници на премиерот Христијан Мицкоским, од страна на Владата е предложен за нов амбасадор во Франција, за позицијата амбасадор предложени се Димитар Блажевски за Украина, за Јапонија е предложена Андријана Цветковиќ и за амбасадор во Хрватска е предложен, Драган Ѓурчевски.

На вчерашната владина седница донесена е и одлука за почнување на постапка за отповикување на девет актуелни амбасадори. Станува збор за Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа. Таа минатата година се најде меѓу 75 жени значајни за историјата на Советот на Европа. 

Од функцијата се бара да се повлече и Јакуп Реџепи кој ја извршува должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина. Дипломатот од кариера Џенк Сејфула ќе треба да замине од амбасадорката функција во Кралството Шведска; а Методија Белевски од должноста амбасадор во Кралството Белгија и во Големото Војводство Луксембург како нерезидентен амбасадор. 

Бугарија ќе треба да ја напушти долгогодишната дипломатка Агнеза Руси Поповска, досегашната амбасадорка во оваа земја, а Емил Крстевски ќе добие свој наследник во Чешката Република.

Владата бара отповикување и на Пајо Авировиќ од должноста амбасадор и шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации, како и на Зеќир Рамчиловиќ од амбасадата во Црна Гора. Катерина Ставревска, пак, ќе треба да ја напушти амбасадорската должност во Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. 

Зачлени се на нашиот е-билтен