Со одлука на Влада потврдени се условите за унгарскиот кредит, за кои претходно беше постигнат договор со банките, а кои средста се очекува да го придвижат стопанството, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Влада, Марија Митева.
-На седница на Влада одржана на 26.11.2024 се донесе заклучок во врска со Предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитната линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за инвестирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва. Врз основа на истото Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови. Минимален износ по корисник до 10 милиони евра, рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс-период до три години квартална отплата по завршување на грејс периодот. Фиксна каматна стапка од 1,95 проценти без надомест на одобрување и управување. Сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20 проценти од вкупната вредност на инвестицијата, рече Митева.
Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од страна на крајниот корисник со цел обезбедување на соодветна контрола на искористувањето на средствата.
-Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди станува збор за 5 проценти од БДП, средства коишто очекуваме да бидат инвестирани оваа и следната година. Тоа е алатка со која што ќе се бориме против евентуалната економска криза и со која ќе ја придвижиме економијата во целост, потенцира портпаролката Митева.
На новинарско прашање кога ќе можат да бидат достапни парите за фирмите и од кога ќе можат тие да ги поднесуваат апликациите со бизнис плановите во однос на унгарскиот кредит, таа рече дека се очекува тоа да биде наскоро штом завршат процедурите во банките