Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска на прес-конференција посочи дека не се исполнети законските услови за протестот што се одржа од страна на Синдикатот на УПОЗ и напомена оти постојат сомнежи дека истиот е политички мотивиран. Таа подвлече дека Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.
-Секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и колективните договори. Треба да биде најавен согласно Законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи за жал ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран, рече Митева.
Според Митева, изненадува фактот првиот чекор што го презема УПОЗ наместо дијалогот, кој е прв демократски начин и метод за функционирање.
Вработени од неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив денеска одржаа предупредувачки протест барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата. На протест излегоа вработени од министерствата за животна средина, за дигитална трансформација, за шумарство и водостопанство, за правда, за култура и туризам, за економија и труд и за транспорт.
Протестите, како што е најавено, ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот, а во петок од 11 до 12 часот ќе се одржи протест пред Министерството за финансии