Холандската воено разузнавачка агенција (МИВД) соопшти дека Русија ги интензивира хибридните напади со цел да го поткопа холандското општество и нејзините сојузници.
„Гледаме дека се зголемува руската закана над Европа, вклучително и по потенцијалниот крај на војната против Украина. Судирот во сивата зона помеѓу војната и мирот стана реалност. Државните актери се повеќе се обидуваат да го поткопаат нашето општество со хибридни напади. Русија е посебно подготвена да ги преземе ризиците“, се наведува во годишниот извештај на МИВД.
МИВД тврди дека минатата година првпат е откриен напад од руските хакери врз оперативниот систем на една холандска агенција за јавни услуги. Според МИВД хибридните закани се однесуваат на разни видови агресија, од физичка саботажа до кампања со дезинформации. Нападите се комбинација на традиционална шпионажа со кибернапади и други обиди за влијание врз општеството.
МИВД предупредува дека руските хакери ја мапираат инфраструктурата во Северно Море односно интернет каблите, како и снабдувањето со вода и енергија.