Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот не го прифати предлогот на Димитар Апасиев, на денешната седница да се прифати предлогот за надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, изјави дека предлогот на Левица не е прифатени бидејќи веќе е поденсена иницијатива за расправа за трагедијата во Кочани до Комисијата за политички систем, но се чека да заврши истрагата, да се објави обвинението па потоа да се расправа на темата во Собрание.
Поминаа речиси три месеци од пожарот во Кочани, во којашто животот го загубија 62 млади луѓе, а парламентарците се уште не одржаа надзорна расправа за овој трагичен настан. Во средата пропадна и вториот обид на пратеничката група на партијата Левица за свикување надзорна расправа, откако не наиде на подрршка од страна на владејачкото мнозинство.
„Како Собрание останавме должни! Не одржавме никаква седница, ни комеморативна, не одржавме ниту специјална анкетна комисија, не одржавме ниту надзорна расправа затоа што пратениците на Левица поднесоа иницијатива за одржување, но ние сме шест и не успеавме да собереме уште деветмина ‘јунаци’. Останува уште ова средство – по иницијатива на член на матичното тело, бидејќи сметам дека и те како сме останати должни на граѓаните од Кочани“, порача лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Место расправа во законодавниот дом, ќе се организира трибина со неколкумина владини претставници во Медија центарот насловена како „Кочани е нашиот приоритет“. На трибината се поканети директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и генералниот директор на Црвен крст, Саит Саити.
Но, Апасиев е дециден дека не треба да се крие ншто за трагедијата и пред лицето на правдата да се извади секој оној којшто грешел.