Македонската дипломатија не е и нема да биде ничија партиска сопственост. По години на политичка злоупотреба, ја враќаме дипломатијата на државата – институционално, професионално и во согласност со законот, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на прес – конференцијата на СДСМ.
Од СДСМ денеска претходно на прес – конференција обвинија дека Владата противуставно ја узурпирала дипломатијата и ја претворила во продолжена рака на партијата. -Користејќи го парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и министерот за надворешни работи Муцунски, прават директно мешање на законодавната во извршната власт, преку политички злоупотреби на Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи, рече на прес-конференција Фатон Бејта од Комисија за надворешни работи на СДСМ.