Инспектори од МВР денеска го забранија за сообраќај мостот на Вардар кај Башино Село на еден од влезовите Велес, се додека се најде привремено решение. Одлуката е донесена поради влошената сотојба и конструкциите со висок ризик за што предупредија од Градежниот факултет од Скопје. За сообраќај се очекува да се приспособи едната лента на мостот до изградбата на нов мост педесетина метри подолу од постоечкиот. Дотогаш најголем дел од сообраќајот ќе се се одвива низ централното градско подрачје на Велес каде веќе од денеска се создадоа гужви.
Општина Велес во наредните денови ќе чека техничко решение за санација на мостот од деканот и стручните служби на Градежниот факултет од Скопје и да може од 60 до 90 дена повторно да се пушти за сообраќај барем едната лента на мостот.
Како што информира денеска градоначалникот Марко Колев паралелно се оди кон проектирање и изградба на нов мост на педесетина метри подолу од овој мост.
Изградбата на новиот мост треба да почне во втората половина од оваа година.