Гил: На дофат е принципиелен договор во трговските преговори меѓу ЕУ и САД

Европската Унија смета оти „на дофат“ е принципиелен договор во трговските преговори со САД и сите нејзини напори во моментов се насочени и фокусирани во тој правец, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил. 

„Немаше да се вклучиме во преговори, ако не мислевме дека тие преговори би можеле да доведат до добар резултат“, истакна Гил.  

Тој додаде дека трговските преговори со САД се наоѓаа во „најчувствителната фаза“ и оти ЕУ работи на постигнување принципиелен договор пред истекување на рокот од 1 август поставен од Вашингтон за стапување во сила на царините.

„Можам да потврдам дека еврокомесарот (за трговија Марош) Шефчович синоќа разговараше со американскиот секретар за трговија Хауард Лутник. Не можам да дадам никакви детали за разговорот. Можам да потврдам дека комесарот Шефчович вечерва ќе разговара со трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир. Можам да потврдам и дека во моментов технички тимови на Европската комисија се на пат кон Вашингтон, но нема да навлегувам во детали во врска со преговорите со САД“, рече Гил.  

Во врска со т.н. втора листа на контрамерки што ја подготви Европската комисија, Гил рече дека таа вчера е доставена до земјите членки, засегнатите страни и индустрискиот сектор во ЕУ и тие ќе имаат можност да ја разгледаат и да достават свои мислење по предлогот.  

„Ќе ги земеме предвид мислењата и ќе дадеме конечен предлог до земјите членки, а тие потоа ќе можат да ја одобрат таа втора листа. Немаме намера да предлагаме какви било контрамерки пред 1 август, додека траат преговорите“, додаде Гил.

Зачлени се на нашиот е-билтен