Мицотакис најави построги мерки за мигрантите и порача дека „рутата кон Грција се затвора“

Мицотакис, истакна дека „оваа вонредна ситуација со мигрантите бара вонредни мерки“ за кои била информирана и Европската комисија.

Сите мигранти кои нелегално ќе пристигнат во Грција ќе бидат уапсени и притворени, разгледувањето на барањата за азил за оние кои пристигнале од северна Африка ќе се суспендираат на три месеци, а на Крит ќе функционира центар од затворен тип за прием на мигранти, се мерките на грчката Влада за справување со мигрантското прашање што денеска ги соопшти премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис.

Во неговиот говор во Парламентот, Мицотакис се осврна и на зголемените бранови од Либија на југот од земјата кај островите Крит и Гавдос, но и порача дека станува збор за проблем што има и европска димензија.

Истакна дека „оваа вонредна ситуација бара вонредни мерки“ за кои била информирана и Европската комисија.

„Со законска регулатива што утре ќе биде доставена до Парламентот, ќе биде суспендирано разгледувањето на барањата за азил, првично за три месеци, за оние што пристигнуваат во Грција од Северна Африка со пловни средства. Тоа е неопходен привремен одговор базиран на истите правни аргументи што ги користеше грчката Влада кога успешно се справи со инвазијата на мигранти кај Еврос во март 2020 година. Затоа, сите мигранти кои нелегално ќе влезат во земјата ќе бидат уапсени и притворени“, соопшти Мицотакис.

Дополнително, објасни на островот Крит ќе биде отворен, првично еден, а потоа евентуално и втор затворен центар за мигранти во кои ќе се сместуваат оние кои влегуваат нелегално и чии барања за азил не можат да се разгледаат.

„Грчката Влада испраќа порака на решителност дека рутата кон Грција се затвора. И оваа порака ја испраќа до сите криумчари и до сите нивни потенцијални клиенти, дека парите што ги трошат веројатно ќе бидат целосно залудни, бидејќи веќе ќе биде многу потешко отколку што беше досега да се стигне до Грција по морски пат“, порача грчкиот премиер.

За разговорите со Либија посочи дека продолжуваат, како со легитимната меѓународно призната Влада на западна Либија, така и со Владата од Истокот и посочи дека се подготвени да соработуваат со либиските власти за да се спречи чамците да тргнуваат или кога ќе се случи тоа да се враќаат назад. 

Зачлени се на нашиот е-билтен