Откако на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица, но и да се озвозможи и дијаспората да гласа, Либерално-демократската партија и Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица.
Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.
Претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова, денеска во Собранието повторно ќе поднесе предлог закон за воведување на една изборна единица и отворени листи.
Портпаролот на партијата Љубен Аврамовски вчера изјави дека ЛДП дава силна поддршка за воведување на една изборна единица, отворени листи, како и вклучување на предлозите од граѓанскиот сектор за независни листи во креирање на новиот Изборен законик. Потсети дека ова не е нова иницијатива за ЛДП, но за жал, тогаш тие иницијативи не добија поддршка.
– Како прва политичка партија која јавно ја поддржа оваа идеја, уште еднаш ја нагласуваме потребата од праведен и транспарентен изборен модел, кој ќе обезбеди еднаквост на гласот и директно на граѓаните во изборот на нивните претставници. Цврсто веруваме дека оваа промена ќе донесе поголема транспарентност, поголема одговорност на избраните претставници, како и посилна демократија во нашата земја, рече Аврамовски.
ЛДП ги повикува сите политички партии како и граѓанскиот сектор на отворен дијалог и заедничка работа, со една цел – конечно усвојување фер, праведен и современ изборен модел, кој ќе им служи на сите граѓани подеднакво.