„Ниеден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за граѓаните кои ги немаат сменето возачките дозволи и регистарските таблички кои претстанаа да важат, затоа што сме имале некадарни политичари во минатото. Овој перид треба да помине во превентивно делување од страна на полицијата со цел да се усогласиме со законот“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Матичната партија на Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ за време на парламентарните избори ветуваше дека доколку на следните избори партијата освои голем број на пратеници, ќе ги вратат уставните измени. Во меѓувреме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието иницираше измени на десетици закони при што „низ целиот текст на законот зборовите Република Македонија се заменуваат со зборовите Република СЕВЕРНА Македонија.”
Министерот за внатрешни работи денеска рече дека граѓаните треба да ги сменат личните карти со новото уставно име, иако посочи дека и старите ќе продолжат да важат уште извесен период.
„Сите лични карти кои се со важечки втиснат датум, се во важност и ќе продолжат да бидат во важност. Ниту една законска измена не се однесувала на личните карти така што граѓаните од тој аспект може да бидат мирни“, нагласи Тошковски.
Пред парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ бараа во Законот за лични карти да се избрише членот 6 кој предвидува името Република Македонија да биде заменето со ново Уставно име.
Од денеска возачките дозволи со старото име на државата престануваат да важат. Досега се издадени повеќе од 800 илјади возачки со новото уставно име на државата.
Согласно Преспанскиот договор, по промената на уставното име на државата, граѓаните имаа обврска да ги променат патните исправи, личните карти и возачките дозволи. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година.