Изминува неделата но засега нема најави дека банките се согласиле на сите услови кои Владата им ги поставила за да бидат општествено одговорни и да најдат „модус вивенди“ околу пласманите на унгарскиот заем кон македонските компании.
Премиерот Мицкоски се согласува дека „реално има трошоци коишто ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали“.
Мицкоски додаде дека „тоа зависи и од политиките на централната банка“.
Но, Централната банка во соопштение до Рацин.мк вели дека засега останува на ставот дека таа не е вклучена во процесот на преговори кои банките ги имаат со други субјекти или институции, вклучително и преговорите кои Владата на Република Северна Македонија тековно ги има со банките поврзано со условите за пласирање на средствата обезбедени од унгарскиот заем.
Како и во секој друг случај, висината на каматните стапки и другите трошоци поврзани со самите кредити, рочноста и другите услови се уредени со интерните акти на банките и се прашање на договор помеѓу субјектите вклучени во договорот за кредит.
За Народната банка како регулатор и супервизор на банкарскиот сектор, основна цел е одржување на неговата сигурност и стабилност пред сè преку следење на ризиците на кои е изложен и преземање на соодветни активности. Солидната капитална позиција и задоволителното ниво на ликвидност на банкарскиот систем, претставуваат соодветна основа за кредитна поддршка на нефинансискиот сектор.