Населби во Скопје оставени без вода и по 40 часови

Жителите на скопските населби Карпош, Центар, Чаир, Маџари, Железара, Ченото, Автокоманда, Радишани преку социјалните мрежи информираат дека останале подолго време без вода. Граѓаните од овие населби се жалат дека немаат вода и по околу 40 часови. Обвинуваат дека градските власти ги оставени со малку информации и без цистерни за вода неопходна за одржување на хигиената во домовите.

Од друга страна пак, ЈП Водовод и канализација пред два дена преку соопштение ја информираше јавноста дека вчера, сабата (31.05.2025 година) од раните утрински часови ќе се спроведе изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, што е потфат кој се прави еднаш во 60 години за подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намалување на загубите на вода и трае 15 часа.

„Зафатот е завршен успешно, а за да нема дефекти на водоводната мрежа при повторно пуштање на водата под притисок, се работи полека и постепено со цел да се регулира мрежата. Утрово беше постигнато нивото на редовно водоснабдување преку населено место Железара во општина Гази Баба, но поради преголема потрошувачка и повлекување од Чаир мрежата се празни пребрзо односно пред да може да се стабилизира водоводната мрежа има пад. Се замолуваат граѓаните за трпение и рационално да користат се до стабилизација на мрежата во спротивно ќе предизвика Чаир недостаток за половина град кој може да трае со денови“, информираат од ЈП Водовод и канализација.

Од таму се надеваат дека граѓаните разбираат која е сериозноста на зафатот кој еднаш мора да се направи, а тој ден беше вчера.

„Со реализација на овој проект се подобруваат хидрауличките услови во водоводната мрежа, со монтирање на игличест регулационен вентил во ново изведена мерно регулациона шахта со пропратна хидротехничка опрема, како и поврзување на постоечкиот магистрален цевковод Ф 1600mm кај Железара, со постоечкиот магистрален цевковод Ф 700mm на булевар Александар Македонски кој се напојува од градскиот магистрален цевковод Ф 1600mm, преку ново предвидениот магистрален цевковод Ф 700mm, кој ќе биде поставен по должината на ново предвидениот бул.Хрватска. Со ваквото поврзување се создадаваат условите за формирање на циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевководи во градот Скопје“, пишува во соопштитето потпишано од диреткорот на ЈП Водовод и канализација-Скопје, Тони Миновски.

Зачлени се на нашиот е-билтен