Не било „претрес“ во Судскиот совет, туку писмено барање, за Проф. Калајџиев тоа е своевиден „државен удар“

Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ, стои во соопштението од Судски совет.

Судскиот совет на Република Северна Македонија ги демантира наводите за извршен претрес во нивните простории, истакнувајќи дека постапиле по писмените барања на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Советот нагласува дека не е издадена наредба за претрес и дека ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи, водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство.

Оттаму дополнуваат дека Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита на независноста и интегритетот на судството.

Како што потврди Јавното обвинителство претходно, полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера влегле во Судскиот совет за да ги обезбедат записниците во врска со сомнежите за евентуално сторено кривично дело поврзано со мандатот на претседателката на Судски совет, Весна Дамева, која поднесе оставка на 2 декември.

Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека е во тек предистрагата, бараните два записници кои треба да се проверат се одземени.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува случајот со фалсификувањето на записниците на Судскиот совет да биде расчистен уште денеска.

Влегувањето на полицијата во Судскиот совет, според професорот Гордан Калајџиев, е своевиден државен удар.

Зачлени се на нашиот е-билтен