Судството и Судскиот совет во фокусот на вниманието на премиерот Христијан Мицкоски. Ќе го реформира со разрешување на судии. На тапет се петмината членови избрани од Собранието. Во меѓувреме, место во Судскиот совет си најде сопругата на актуелниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Данка Ристова.
СДСМ и денеска реагира дека Мицкоски, наголемо го партизира Судскиот совет, со цел да го контролира во корист на интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Додаваат дека со неуставното распуштање на Судскиот совет, Мицкоски станува и ‘судија и егзекутор’.
„Режимот дефинитивно се враќа. Најавите на Мицкоски дека владата планира да го распуши Судскиот совет со разрешување на 5 членови е чекор кон целосна окупација на судството од стрна на власта. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси. Целосно спротивно на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. На овој начин Мицкоски ги фрла на буниште реформите во судството и презема целосна контрола и партизација на судството. По истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните“, велат од СДСМ.
СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку стратегија на Мицкоски и неговата партија судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.
СДСМ остро ќе се спротистави на ова и ќе направи се да не дојде до оваа окупација на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Мицкоси и денеска, вообичаено повикувајќи се на граѓаните, пак рече дека тој работи во нивен интерес бидејќи тие со најниска оценка ја оцениле работата на судството.
„Овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат. Ако ние мислиме да им угодиме на овие луѓе и да останат уште подолго таму за подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште, заглавени во сето она коешто го направија во изминатиот период, затоа што имаме неколкумина што не постоеја до сега и сега наеднаш се вознемирени и се јавуваат на површината – таква намера немаме да правиме“, рече Мицкоски.
Од друга страна Судскиот совет молчеливо ги слуша најавите на Мицкоски за разречување на нивни членови. Од таму се надеваат дека Собранието ќе го почитува Уставот.
Судскиот совет не коментира изјави од кој и да е, и цврсто сме убедени дека Собранието на РСМ како уставен и законодавен дом ќе постапува согласно уставните и законските одредби изјавија од судскиот совет, велат од Судски совет, за ТВ Телма.
Мицкоски во обид да ги подели и експертите на неговите правни експерти и оние како што рече т.н. кои ќе толкуваат спротивно.
Според професорот по уставно право од Правниот факултет “ Јустинијан Први”, Денис Прешова разрешувањето на т.н. несудски членови на Судскиот совет е целосно спротивно на Уставот и меѓународните стандарди. Судскиот совет има уставно загарантирана институционална независност.
Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.