„Скандалозна е намерата на Владата предводена од Христијан Мицкоски дека сака да купи нов авион за владините фукцинери, во време кога тврдат дека нема пари за поголема минимална плата, за лекови на онкологија, кога трошоците за живот од ден на ден вртоглаво растат“, реагираат од СДСМ. Критиките од опозициската партија доаѓаат откако директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во јавноста обзнани дека на состанок на Илинденска, биле разменети ставови за тоа што е подобро, ‘да се купи нов авион кој кошта од 30 до 40 милиони евра или пак половен, кој би чинел трипати помалку, односно над 15 милиони евра’.
Од СДСМ велат дека зад ваквата намера се крие милионски бизнис, бидејќи во такви зделки може да се скријат големи финансиски манипулации. предупредуваат дека ова е само сигнал дека започнува луксузирањето на функционерите на ДПМНЕ.
„Владин авион во овие моменти е непотребен, бидејќи пред Македонија се исправени поголеми прапања. Власта е одлепена од реалноста, луѓето не можат да врзат крај со крај, се мачат со секојдневните поскапувања и високи трошоци за живот, платите стагнираат, додека власта се лукзузира. Најавата пак дека се размислувало и демек за половен авион е навреда на интелегнцијата на луѓето, станува збор за милионски бизнис зделки. СДСМ е против и ќе се спротивстави на овие расипнички и погрешни политики на ДПМНЕ“, велат од опозицијата.
Од друга страна директорот на СОЗР,Томовски, вели дека постојниот владин авион, „Лирџет 60“, купен во 2005 година, кој е во функција, има само шест седишта и е технички застарен, со постојани дефекти, како што се истекување на гориво од резервоарите.
Од СДСМ додаваат дека нов, или половен владин авион во моментов е непотребен, бидејќи државата се соочува со сериозни социјални и економски проблеми. Наместо инвестиции во луксузни и скапи авиони, потребно е парите да се насочат кон потребите на работниците, зголемување на минималната плата и обезбедување на основни потреби, како што се лекови и социјални бенефиции.