Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека трговските преговори со САД продолжуваат откако Канада го повлече својот план за воведување даноци на американските технолошки фирми.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во петокот изјави дека ги прекинува трговските разговори со Канада поради нејзините планови за воведување тарифи за американските технолошки фирми, нарекувајќи го канадскиот потег директен и флагрантен напад врз САД.
Канадската влада синоќа објави дека, во исчекување на трговски договор, Канада ќе го повлече својот Данок на дигитални услуги што требаше да стапи на сила денес.
Канадскиот премиер Карни и Трамп разговараа по телефон вчера, а канцеларијата на Карни соопшти дека се согласиле дека трговските преговори ќе продолжат.
„Денешното соопштение го поддржува продолжувањето на преговорите со целен датум од 21 јули 2025 година, поставен на самитот на Г7 овој месец во Кананаскис (Канада)“, се вели во соопштението на Карни.
Карни го посети Трамп во Белата куќа во мај, каде што беше учтив, но цврст, пишува АП.
Трамп беше во канадската држава Алберта на самитот на Г7, кога, според канадскиот премиер, таа земја и САД поставија рок од 30 дена за завршување на трговските преговори.
Во објава на социјалните мрежи во петокот, Трамп рече дека Канада го информирала дека останува посветена на воведување данок на дигитални услуги, кој се однесува на канадските и странските фирми кои работат со онлајн корисници во Канада.
Данокот на дигитални услуги требаше да ги погоди компаниите како Amazon, Google, Meta, Uber, Airbnb со три проценти од приходите од канадските корисници.
Францускиот претседател Емануел Макрон го прими новиот канадски премиер Марк Карни во Елисејската палата Фотографија: АП Шон Килпатрик
Требаше да се примени ретроактивно, а американските компании ќе мора да платат 2 милијарди американски долари на крајот од месецот.
Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ разговараше со американскиот секретар за финансии Скот Бесант во неделата.
„Ослободувањето од данокот на дигитални услуги ќе овозможи важен напредок во преговорите за нов економски и безбедносен однос со САД“, рече канадскиот министер за финансии.
Канада и САД разговараат за ублажување на серија високи царини за разни стоки што Трамп ги воведе на својот сосед.
Трамп воведе царини од 50 проценти за челик и алуминиум и 25 проценти за автомобили.
Тој, исто така, воведе царина од 10 проценти за увоз од повеќето земји, а би можел да ги зголеми тие царини по 9 јули, кога ќе истече 90-дневниот преговарачки период што го одреди.
Канада и Мексико имаат посебни царини од дури 25 проценти што Трамп ги воведе за да го спречи шверцот со фентанил, иако некои производи сè уште се заштитени според Договорот меѓу САД и Мексико и Канада од 2020 година, потпишан за време на првиот мандат на Трамп.
Даниел Беланд, професор по политички науки на Универзитетот Мекгил во Монтреал, рече дека повлекувањето на Карни е „јасна победа“ за Трамп и дека Трамп го натерал Карни да направи точно она што го сакале големите технолошки компании.