Новиот швајцарски пасош е дизајнерско совршенство, местото му е во музеј

Швајцарија има богата историја на иновации, како и картографија, а сето тоа може да се види во новиот пасош. Освен што е еден од најмоќните во светот, швајцарскиот пасош продолжува да импресионира со својот дизајн. Дизајниран од студиото RETINAA, пасошот од новата генерација ја продолжува швајцарската традиција на иновации во графичката уметност со напредна заштита против фалсификување.

Во соработка со Талес и Орел Фусли, студиото во Женева имаше задача да создаде концепт кој не само што ќе го одразува швајцарскиот идентитет, туку и ќе ги интегрира најсовремените безбедносни карактеристики. Ова му дава значително освежување на познатиот црвен пасош, кој од 1959 година се смета за еден од најкомплексните и најбезбедните патни исправи во светот.

Картографијата им оддава почит на природните и архитектонски знаменитости на земјата преку 3D моделирани пејзажи. Страниците на пасошот нудат патување по водните патишта на Швајцарија, од врвовите на Алпите, низ 26 кантони, па сè до долините и светот надвор од границите на земјата. Под ултравиолетова светлина, контурите на теренот се видливи, откривајќи топографски детали надополнети со значајни градби.

„Швајцарскиот пасош не е само административен документ. Тој е израз на хелветскиот идентитет и амбасадор на Швајцарија во странство. Тој го слави швајцарскиот дух и го демонстрира технолошкото знаење на нашата земја“, истакнуваат од тимот на РЕТИНА.

Покрај зголемувањето на безбедноста и заштитата од фалсификување, дизајнот мораше да се осврне и на аспектите на идентитетот, со цел да се создаде документ што сопственикот ќе може да го препознае, да му верува и да се гордее.

Дизајнерите беа инспирирани од картографската традиција и бројните води на Швајцарија. Швајцарија е позната и како „водната кула на Европа“ бидејќи има 1.500 езера, бројни реки и глечери. Ова водно богатство обезбедува 6 отсто од вкупните резерви на вода за пиење во Европа. Овие природни ресурси не само што ја обликуваат географијата на земјата, туку и го поттикнуваат производството на обновлива енергија, кое сочинува 56 отсто од вкупното производство на електрична енергија во Швајцарија.

Затоа водата е централна тема на пасошот, симболизирајќи ја поврзаноста, размената и националното наследство.

Зачлени се на нашиот е-билтен