Израел, според информации од американски и европски претставници, очигледно се подготвува да почне напад врз Иран, објави денеска „Њујорк тајмс“, потег што би можел дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток и да ги загрози напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преговара за договор за спречување на Иран да развива нуклеарно оружје.
Загриженоста за можна израелска воена акција, како и можниот ирански одговор, го натера Вашингтон да повлече дипломати од Ирак во среда и да одобри доброволно повлекување на семејствата на американските војници од земјите на Блискиот Исток.
Не е јасно колкав би можел да биде израелскиот напад, но тензиите се зголемуваат со месеци, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика Трамп да го искористи она што Тел Авив го смета за момент на ранливост на Иран за напад.