„Нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените да учествуваат во политички живот на државата е загрижувачко“. Оваа поента произлезе од истражувањето на ОБСЕ, насловено како „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“. Во него како главна причина се наведуваат „стегите“ во општеството за политичкиот кариерен пат на жените.
Според истражувањето на ОБСЕ, 12 проценти од Албанките и седум проценти од Македонките имаат видлива функција во политичките партии, останатите се само членки. Од другите немнозинските заедници, политички се активни само 10%, што според истражувањето, е многу ниско.
Во истражувањето на ОБСЕ се препорачува, политичките партии да го подобрат нивото на вклученост на жените. Исто така, од истражувањето произлезе дека државата треба да инвестира во капацитетите за надминување на општествените стеги кои жените ги имаат на кариерниот пат. Како пример, се наведени изградба на капацитети кои ќе обезбедат грижа за возрасните и за децата, бидејќи во македонското општество тоа паѓа на грбот на жената. Доколку го нема тој товар, жената би била слободна да го преземе не само политичкиот пат како своја кариера, туку било која друга кариера во животот.
Исто така се препорачува вметнувањето на родовиот аспект во креирањето на сите политики. При тоа треба да се следи и имплементацијата на тие политики, бидејќи според студијата спроведувањето на законите во државата е најслабата карика.
Во студијата се посочува дека со надминување на општествените стеги, би можело да се обезбеди сериозен пристап на жената до политиката и до сите кариерни опции во амбициите на жените.
В.д. шефица на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса, смета дека само преку заеднчка работа сите може да се зголемиме учеството на жените во политичкиот и во јавниот живот.
„Овој извештај покажува дека премногу жени се соочуваат и продолжуваат да се соочуваат со системски пречки и нееднаквости кои го попречуваат нивното целосно и активно вклучување во процесите за донесување одлуки. Ова истражување нуди решенија за 14 области кои бараат одговор и адресирање и нивното спроведување ќе може да го трансформира политичкиот релјеф“, рече Пенкса.
Таа посочи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје, е целосно посветена да ги адресира предизвиците.
„Во наредните месеци ќе работиме, рака под рака со граѓанското општество, со сите заедници, со институциите за да можеме да дизајнираме и спроведеме политики кои ќе промовираат родова еднаквост во политиката за да може да се превенира насилството, дискриминацијата и говорот на омраза, да се воспоставаат програми за менторство и лидерство за жените од немнозинските заедници. Неопходно е да работиме сите заедно за да можеме да го зголемиме учеството на жените во политичкиот и јавниот живот. Иако на овој пат може да има многу предизвици, меѓутоа со заеднички колективни напори можеме да направиме промени и за жените од немнозинските заедници да можат да учествуваат подеднакво во политичкиот и јавниот живот“, рече Пенкса.
Според Пенкса, целта на ваквите активностите во периодот што следеи е создавање на средина во која жените, без оглед на нивното потекло, ќе може да учествуваат во креирањето на иднината на Македонија.