Основниот кривичен суд Скопје претпладнево информираше дека на четворица осомничени во случајот „Државна лотарија“ им изрече мерки на претпазливост, а за прво и второ осомничените поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами судот сѐ уште не може да одлучи дали да го прифати предлогот на Јавното обвинителство им да им изрече мерка притвор.
Судот прво формално треба во Министерството за внатрешни работи да ја проверува достапноста на лицата, Груби и Бајрами, кои се на Косово, па потоа, доколку МВР официјално ги извести дека не се достапни, судија на претходна постапка да одлучува дали ќе им определи притвор.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот
совет на скопскиот суд.
Инаку Груби веќе ангажирал адвокат и според неофицијалните информации се обидува да издејствува наместо притвор да му бидат изречени мерки на претпазливост, по што би се вратил во Македонија.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчера на прес – конференција соопшти дека кривична пријава е поднесена и против поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, но тој засега не е опфатен со истрагата на Обвинителството.